Порто го изненади фудбалскиот свет со официјалната потврда за доаѓањето на Тијаго Силва. Искусниот 41-годишен бразилски дефанзивец пристигнува на „Драгао“ откако го раскина договорот со Флуминенсе.
Легендарниот стопер се обрати до навивачите преку видео на официјалните канали на клубот, изразувајќи големо задоволство од враќањето.
„Тука сум за да го најавам моето враќање кај Змејовите и да кажам колку сум среќен и мотивиран за оваа можност. Му благодарам на нашиот претседател, Андре Вилјаш-Боаш, на тренерот Франческо Фариоли и сакам да кажам колку сум нетрпелив повторно да ги облечам овие бои. Се надевам на вашата поддршка и ве чекам на ‘Драгао’“, изјави Тијаго Силва.
Овој трансфер претставува емотивно враќање во клубот каде што Силва кратко настапуваше уште во 2004 година. Тогаш, како играч на Б-тимот, го доживеа најтешкиот период во кариерата кога му беше дијагностицирана туберкулоза, поради што мораше да го прекине првиот престој во Португалија. Две децении подоцна, се враќа за да ја заврши започнатата приказна.
Тијаго Силва потпиша договор до крајот на тековната сезона, со опција за продолжување уште една година. Тој пристигнува како слободен играч.
Тијаго Силва со бразилската репрезентација настапи на четири светски првенства: Јужна Африка 2010, Бразил 2014, Русија 2018 и Катар 2022.

