Екипата на Леброн Џејмс го победи тимот на Јанис Адетокумбо со 157:155 во Олстар-меч кој оваа година доби друга димензија. Во првите три четвртини имаше многу егзибиции и шоу, но во последната четвртина за прв пат видовме натпреварувачки дуел во кој двете екипи сакаа да стигнат до победата.
Според новите правила, Првите три четвртини започнуваа од резултат 0:0, а пред почетокот на последната четвртина сите поени беа собрани. Во тој момент тимот на Адетокумбо имаше предност од 133:124, а лимитот на постигнати поени на крајот се одлучуваше со додавање на бројката 24 во чест на Коби Брајант. Тоа значеше дека во последната четвртина нема да има време со ограничување кога ќе заврши дуелот, туку крајот е кога една од екипите ќе стигне до бројката од 157 поени (збирот од постигнатите поени на водечкиот тим е 133+24, кој беше бројот што го носеше Брајант).
Во тие моменти двете екипи заиграа многу посериозно и имаше меч со желба за победа на двете страни. На крајот, тимот на Леброн успеа да ја анулира негативата од девет разлика и благодарение на слободното фрлање на Дејвис, стигна до 157 поени, а тоа беше знак и за крај на мечот.
За најкорисен играч на мечот беше прогласен Кавај Ленард, кој мечот го заврши со 30 поени. Ленард влегува во историјата на Олстарот затоа што тој е првиот играч кој ја добил МВП-наградата, која од оваа година го носи името Коби Брајант.