Тодоров: Ние сме единствен тим со две победи кој не се пласира на ЕП!

Селекторот Александар Тодоров на прес-конференцијата по мечот со Естонија, на кој Македонија ги загуби шансите да се пласира на Евробаскетот за мажи, рече дека е разочаран, но и горд.

„Мечот го загубивме во првото полувреме кога примивме многу лесни поени. Потоа се обидовме да направиме нешто, не беше доволно. Во финишот се обидовме некако да се избориме за продолжение и пет минути. Ние сме единствен тим со две победи кој нема да оди на ЕП. Разочаран сум, но истовремено и екстремно горд на оваа група момци. Единствена можна одлука беше да игра Нено, немаше опција да не игра. Благодарен сум на лекарскиот тим кој го оспособи да игра. Тој е патриот, сака да игра за својата земја, ќе биде лидер на репрезентацијата во следните 10 и повеќе години. Даде најмногу што можеше, играше со болка, благодарен сум му што играше“, рече Тодоров.

Искусниот Бојан Трајковски изјави дека не планира крај на репрезентативната кариера.

„Тажен сум што не се пласиравме на ЕП. Имавме многу проблеми, на првите мечеви бевме некомплетни, на крајот покажавме големо срце, се боревме за секоја топка. Имаме микс од млади и искусни играчи, ова е лекција за следните квалификации. Ќе играм за репрезентација до крајот на играчата кариера, сакам да им помогнам на помладите, секогаш ќе бидам тука“, изјави Трајковски.

 

 

- Оглас -

Најнови вести