Кошаркарската репрезентација на Македонија остана без Евробаскетот 2022!

Кошаркарската репрезентација на Македонија нема да игра на Евробаскетот следната година затоа што денеска против Естонија не ја оствари потребната победа барем од 10 поени разлика. Во мечот на кој ни требаше триумф со двоцифрена разлика, по првото полувреме Естонија имаше таква предност и стана јасно дека нашите најдобри кошаркари се пред невозможна мисија.

Победата од 86-84 беше пирова, ланскиот пораз во Скопје од девет поени разлика против Естонија се покажа како клучен за неуспехот во овој квалификациски циклус.

Притисокот си го направи своето, а Естонија играше како ним да им треба победа од десет разлика. Во финишот Македонија се обидуваше да се избори за продолжение, во кое би бркале голема разлика, но ништо од тоа.

Ќе остане ЕП во 2015 година како последно на кое македонската кошаркарска селекција била учесник, а ако се знае дека сега ФИБА ги организира континенталните првенства на секои четири години, некогашната четврта сила во Европа ќе има еднодецениска пауза од настапи на европски првенства.

Бојан Трајковски со 21 поен беше најефикасен, Ненад Димитријевиќ даде 20, но имаше и осум загубени топки. Џејкоб Вајли придонесе со 18 поени, Андреј Магдевски со 10.

- Оглас -

Најнови вести