Тоше Зафиров со македонското знаме на сцена и „Зајди зајди“ имаше блескав перформанс (Видео+Фото)

Со македонското знаме врз себе и песната „Зајди зајди“ во изведба на легендарниот Тоше Проески, македонскиот четирикратен апсолутен бодибилдинг шампион Тоше Зафиров имаше блескав перформанс на Мистер Универзум во Италија. Покрај одличниот настап, Зафиров имаше и супер пласман. Влезе во полуфиналето и на крајот го освои шестото место во категоријата на професионалци.

Покрај Тоше, настап во Италија имаше и неговата жена Габриела. Таа го освои петтото место во категорија фитнес бикини. Брачната двојка Зафирови каде и да се појават, секогаш имаат забележителен настап и на вистински начин се промотери на Македонија.

„Организацијата беше на врвно ниво. Имаше натпреварувања во повеќе од 30 категории и се беше перфектно. Презадоволен сум и од мојата форма. Самиот се подготвував и тоа се покажа како вистински потег, бидејќи на крајот се пласирав во полуфиналето“, ни изјави Зафиров.

Нашиот најдобар билдер открива дека перформансот со кој настапил бил лично негова идеја. ПОсебно добра била идејата во позадина да оди песната „Зајди, зајди“ во изведба на Тоше Проески.

„Откако завршив со перформансот сите ми честитаа, од останатите натпреварувачи, судиите и публиката. Дури имаше и натпреварувачки кои беа од Балканот, а го препознаа гласот на Тоше Проески на песната, па многу емотивно го проследија моето претставување. Во целост сум задоволен од тоа како поминав таму и тоа во каква форма се наоѓам“, се потсети Зафиров за настапот кој беше на 13-ти овој месец во Италија.

По враќањето во Скопје, Зафирови не одмораат. Продолжуваат со тренинзи бидејќи ги очекува натпреварувања во Предатор Про, Светското првенство во Словенија и Мистер Универзум. Едноставно, Тоше Зафиров и неговата сопруга Габриела се одлични спортски амбасадори на Македонија на сите овие натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести