Традицијата вели дека Тотенхем треба да се подготвува за испаѓање од Премиер лигата

Тотенхем вчера загуби на свој терен од Нотингам форест, кој им е директен конкурент во трката за опстанок. Шумарите беа убедливи и со 3:0 победија на стадионот на Тотенхем, стигнувајќи го со 32 бода, прескокнувајќи го токму Тотенхем на табелата. Тотенхем остана на 30 бода и има само еден бод повеќе од Вест хем, кој е во зоната за испаѓање. За Тотемхем тоа беше десетти пораз на свој терен и убедливо е најлошиот домаќин во првенството.

Делува неверојатно, но Тотенхем нема ниту една победа во Премиер лигата во 2026 година. Овој тим одигра вкупно 13 лигашки дуели, во кои претрпе осум порази, а петпати одигра нерешено. Ваква лоша низа од 13 средби без победа во првенството Тотенхем немал речиси еден век, односно од далечната 1935 година.

Само три клуба во историјата на Премиер лигата имале полош старт на една календарска година од Тотенхем, а тоа се: Сандерленд во 2003 година, Дерби каунти во 2008 година и Мидлсборо во 2017 година. Сите три тима кои имале толку лош старт на една календарска година, на крајот од сезоната не успевале да се спасат од испаѓање, што значи дека на Тотенхем му се подготвува „црно сценарио“.

Сепак, има уште седум кола до крајот, период во кој Тотенхем ќе има шанси да го поправи впечатокот, а секако и конечно да се израдува на победа во 2026 година.

- Оглас -

Најнови вести