Трагедија во Швајцарија, велосипедист почина откако се судри со друг велосипедист и падна во провалија

На велосипедската Трка околу Швајцарија почина 26-годишниот Џино Мадер по падот во петтата етапа која се возеше вчера.

До трагедијата дошло кога Швајцарецот, кој вози за тимот на Бахреин, при голема брзина се судрил со Американецот Магнус Шефилд и потоа завршил во провалија крај патот.

Лекарските екипи му направиле реанимација на Мадер пред да биде пренесен во болница во Хур, но велосипедистот денеска им подлегнал на повредите.

„Џино беше неверојатен спортист, пример за решителност и беше ценет член на нашиот тим. Неговиот талент, посветеност и страст кон спортот ни претставуваа инспирација на сите нам“, соопшти неговиот тим, Бахреин.

Велосипедистот со кој Мадер се судри, Магнус Шефилд, е пренесен во болница со потрес на мозокот.

Џино Мадер стана професионален велосипедист во 2019 година, а пред две години победи на шестата етапа на „Џиро Д’Италија“.

- Оглас -

Најнови вести