Англискиот шампион Ливерпул ќе ги започне подготовките за новата сезона следната недела. Црвените првично требаше да се соберат на 4 јули, петок, но плановите беа променети поради трагичната смрт на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
Раководството на Ливерпул го одложи стартот на подготовките, а во саботата голем дел од фудбалерите и стручниот штаб присуствуваа на погребот на Жота во Португалија.
Денеска беше објавено дека фудбалерите на Ливерпул добиле дополнителни слободни денови и ќе треба да се појават во тренинг-центарот во вторник.
За крајот на неделата е планиран и првиот пријателски натпревар против Престон Норт Енд, но засега сè уште не е познато дали тој ќе се одигра. Од клубот порачаа дека најпрво сакаат да проверат во каква состојба се играчите и дали се подготвени да играат, пред да донесат конечна одлука.