Трајковски: Ја победивме Германија, тоа е доволен доказ дека заслужено сме на ЕП!

Александар Трајковски, како еден од поискусните репрезентативци на Македонија, вели дека самиот пласман на ЕП е доволна мотивација за него, но и за соиграчите, да се покажат во што е можно најдобро светло во дуелите против Австрија, Холандија и Украина.

Околу најавите кои стигнаа од таборите на нашите противници во групата Ц, Трајковски истакна дека не обрнува внимание дали Македонија ја сметаат за лесен противник, туку должноста е на самите Рисови да докажат дека заслужуваат да се на големото натпреварување.

„Сите знаеме дека ова е еден голем успех за сите нас и нормално дека е посебен бидејќи претходно игравме само квалификации, а пласманот конечно го дочекавме. Чувството не се опишува, ова е сон на секој фудбалер, да игра на големо меѓународно натпреварување. Тоа ни е доволна мотивација со која ќе настапиме и да покажеме дека заслужуваме да сме меѓу најдобрите селекции. Очекувам од сите соиграчи да одиграат максимално. Против Германија пред сè одигравме тимски, што ни даде голема самодоверба. Покажавме дека можеме да се носиме со „големите“ и со таков став ќе влеземе во следните предизвици. Не следам многу што изјавуваат нашите противници, едноставно фокусот е на самите себе без разлика дали тие нè сметаат за лесни противници. Наша должност е да одиграме најдобро што можеме против секој што ќе ни излезе на патот“, истакна Трајковски.

Висар Муслиу е еден од репрезентативците кои беа дел и од младинската фудбалска репрезентација која во 2017 година настапи на ЕП за играи до 12 година, па вели дека тоа искуство му помогна да го оствари својот сон да се пласира на ЕП и со сениорите.

„Од настапот на ЕП со У-21 селекцијата имам малку искуство, но ова е посебно натпреварување. Со нетрпение го чекаме првиот натпревар, за кој се подготвуваме со максимални сили. Се надевам дека сите здрави ќе го дочекаме дуелот против Австрија и ќе се покажеме како адекватни противници. Притисок има за секој меч, без разлика дали играме против Германија или против Лихтенштајн. Сепак, мислам дека треба да покажат повеќе почит кон нас, а ние да го оправдаме на теренот“, додаде Муслиу.

Македонија на 1 јуни ќе одигра контролка против Словенија на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, на кој ќе има околу 10.000 навивачи за првпат по една година на еден спортски настан во земјава.

- Оглас -

Најнови вести