Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот ќе го има првиот тренинг од подготовките за натпреварите со Летонија и Ерменија од Лигата на нации, а на денешниот прв собир утврдено е дека Александар Трајковски не е подготвен за максимален напор и нема да биде дел од тимот.
Сплитскиот Хајдук преку официјално известување од лекарскиот тим информираше за здравствената состојба на Трајковски. Македонскиот репрезентативец веќе одреден период има проблем со мускулот на ногата, истегнување кое го спречува да биде во конкуренција за клупски и репрезентативни настапи.
Поради истегнување на мускулот на ногата, неизвесно е приклучувањето во репрезентацијата на Дарко Чурлинов. Чурлинов се повреди на синоќешниот натпревар на Јагелонија против Легија од полското првенство.
До овој момент, стручниот штаб на репрезентацијата нема дополнително да повикува нов играч.