Александар Трајковски е еден од најискусните македонски фудбалски репрезентативци, знае како е да се игра во Белгија (од 2011 до 2015), играше за Зулте Варегем и Мехелен, а во 2013 беше во составот на македонската селекција при последното гостување кај Црвените ѓаволи.
Трајковски е единствен во тимот на Благоја Милевски кој гостувал кај Белгија, а во белгискиот тим има поединци како Куртоа и Де Бројне кои играле против Македонија во 2013 година.
„Искрено мислам дека Белгијците сега доволно знаат против каква селекција треба да играат, тоа го докажавме во Скопје. Сега ќе имаат поголем респект кон нас. Притисокот е повеќе кај нив отколку кај нас. Имаме големи очекувања и ние, пробуваме да изиграме како на секој меч и потоа да пробаме да дојдеме до добар резултат. Мислам дека ќе биде добар меч и за нив нема да биде лесно. Како што се ближи крајот на квалификациите, поголем е притисокот. Ова е еден од најважните дуели кои може да решат што и како понатаму. Сум играл со Белгија и пред 12 години, а иако играчите не се истите, системот на игра е тој, не е сменет, само е сменета генерацијата. Секогаш имаат добри играчи, произведуваат добри играчи и затоа се таму каде што се“, изјави Трајковски.