Вториот стрелец во историјата на македонската фудбалска репрезентација, Александар Трајковски, го постигна голот за 1-0 со што се олесни работата на нашиот национален тим на гостувањето кај Лихтенштајн, а тој го истакна значењето на трите бода на почетокот на квалификациите за Светското првенство.
„Знаевме дека е многу важно да почнеш со победа во овие квалификации, секој меч е важен, нема лесен противник, иако може така изгледаше. За секој меч се спремаме како да е најважен. Сега ќе се спремиме максимално за мечот во Скопје, ќе биде потежок натпревар бидејќи ќе имаме поквалитетен противник. Ќе се обидеме да победиме. Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи кои дојдоа тука и се надевам дека ќе бидат во уште поголем број во Македонија и ќе ни дадат поддршка на дуелот со Велс“, изјави Трајковски.