Тре Јанг кобен за ЛА лејкерс, Бостон подобар од Милвоки (Видео)

Седум натпревари од НБА лигата беа одиграни изминатата ноќ, а највозбудливо беше во дуелот меѓу Атланта хоукс и Лос Анџелес лејкерс, кој беше решен дури по продолжение.

Во регуларниот дел резултатот беше 119-119, откако Леброн Џејмс на тринаесет секунди до крајот донесе израмнување за Лејкерс, а Тре Јанг со звукот на сирената промаши шут за победа на Атланта.

Јанг ја „исправи“ својата грешка во дополнителните пет минути, откако на осум секунди до крајот постигна тројка која донесе победа од 134-132 за Атланта.

Во последниот напад на натпреварот, Леброн Џејмс се обиде со тројка да ја донесе победата на ЛА Лејкерс, но промаши, па Атланта славеше.

Феноменалните партии на Леброн Џејмс и на Ентони Дејвис не беа доволни за нивниот тим да слави победа. Леброн постигна 39 поени, 10 скока и 11 асистенции, а Дејвис запиша 38 поени, 10 скока и 8 асистенции. Јанг го заврши натпреварот со 31 поен и дури 20 асистенции.

Во дербито на вечерта, Бостон Селтикс во ТД Гарден со 111-105 ги совлада Милвоки Бакс, а блескаше Џејсон Тејтум со 34 поени и 10 скока. Јанис Адетокумпо забележа 30 поени и 11 скока.

Резултати НБА: Филаделфија – Орландо 102:94, Атланта – ЛА лејкерс 134:132, Бостон – Милвоки 111:105, Чикаго – Индијана 123:132, Сан Антонио – Сакраменто 113:140, Голден Стејт – Минесота 90:107, Портланд – Јута 99:141.

- Оглас -

Најнови вести