Една од најлошите повреди што може да му се случи на спортист е да заработи скршеница. Тоа значи повеќемесечна рехабилитација и потоа потешкотии да се врати во стариот ритам и форма.
Но, кога се работи за таква повреда на тренер, може да значи и отказ. Токму такво нешто му се случи на тренерот на ФК Ајндховен, Морис Верберн, во втората холандска лига.
Во октомври минатата година Верберн си ја скрши ногата, и тоа за време на тренинг со тимот и оттогаш не седнал на клупата затоа што е на рехабилитација. Клубот денеска и официјално објави дека нема да ја продолжи соработката со него по завршување на оваа сезона.
Верберн (54) се повреди по незгодно движење на тренинг, кога заработи скршеница. Поради тоа му следуваше неколкумесечна пауза. Во ноември тој беше заменет од поранешниот холандски репрезентативец Јан Портвлиет, кој ќе ја заврши сезоната на клупата на моментално 14-топласираниот тим во втората лига на холандскиот фудбал.
ФК Ајндховен денес објави дека клубот и Верберн се согласиле меѓусебно да ја прекинат соработката. Тренерот формално ќе остане во клубот до крајот на сезоната, но потоа ќе се разделат.
„Штета е што поради повредата и периодот на отсуство не можам да се вратам во тимот оваа сезона. Сега сум фокусиран на завршување на мојата рехабилитација. Со гордост се осврнувам на моето време во клубот и им посакувам на играчите, на персоналот и на навивачите многу среќа до крајот на сезоната“, рече тренерот Верберн.
Техничкиот директор на Ајндховен, Марк Шиперс, ја објасни одлуката велејќи дека долгото отсуство на Верберн создало „нова динамика во рамките на персоналот и тимот“, поради што по разгледувањето беше одлучено да не се продолжи соработката во иста форма.
Верберн дојде во Ајндховен летото во 2024 година, а претходно работеше во МВВ Мастрихт, Рода ЖК и НАК Бреда. Оваа необична ситуација – тренер кој си ја скрши ногата на тренинг, а потоа не го водеше тимот со месеци – на крајот доведе до негово заминување од клубот.

