Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одиграа и вториот меч за помалку од 24 часа. Откако синоќа беа поразени од Висла Плок (25-28) во Лигата на шампионите, битолчани попладнево славеа со убедливи 43-19 во меч од македонската Супер лига.
Овој натпревар беше од последното, 22-ро коло, на регуларниот дел, па сега дојдоа на само минус два од Вардар, но лидерот има и натпревар помалку.
Сепак, „црвено-црните“ утре го играат дербито на колото против Алкалоид на гостински терен, па избраниците на Иван Чупиќ имаат сериозен предизвик пред себе во борбата за враќање на македонскиот ракометен трон.
Вардар во пресрет на натпреварот против Алкалоид има 40 бода, Еурофарм Пелистер сега има 38 поени, додека Охрид и екипата од Автокоманда имаат по 35.

