Братскиот тренерски тандем Борче и Дарко Костовски, кои се тренери на Таеквондо клубот Бутел од Скопје и на Дејан Георгиевски, кој освои сребрен олимписки медал, се откажаа од премијата која за нив ја одреди Владата на Македонија и тие 10.000 евра ќе ги насочат кон првиот носител на сребрен медал во историјата на македонскиот спорт.
„Владата доделила 20.000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите. Мојот брат, д-р Борче Костовски, и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост! За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ). ЗА МАКЕДОНИЈА“, порача Дарко Костовски.
Инаку, Георгиевски и неговите тренери утре попладне околу 14.30 часот треба да слетаат на скопскиот аеродром, а за 19.30 е закажана прослава кај „Портата Македонија“ на централниот плоштад во главниот град.