Торино ја совлада Аталанта со 2-0, во јубилејниот 100-ти меѓусебен првенствен дуел помеѓу овие два клуба.
Трети настап сезонава во дресот на првиот тим на Аталанта имаше Дејан Кулушевски. Швеѓанецот со македонско потекло, влезе во игра во 18 минута, на местото на повредениот Госенс. Но, Дејан беше повлечен од игра во 72 минута, кога беше заменет со Бароу. Веројатно тренерот Гасперини не беше задоволен од прикажаното, па направи несекојдневен потег со вадење од игра на некој што претходно влегол од клупата за резерви.
Аталанта сезонава има примено седум гола после изведен корнер, со што е најневнимателната екипа во Серија А по прекините кога топката се уфрла од аголот на теренот. Ова им е втор пораз по ред, откако во минатото коло загубија од Милан.
Торино за првпат во последните 20 години има убава серија од пет меча по ред без примен гол, а после триумфот, се изедначи со Аталанта по бројот на бодови. За „биковите“, ова е прва победа во 2019 година изразена со повеќе од еден гол разлика.