Тренерот на Барселона се надева на математиката и најави дека нема откажување

На четири кола до крајот на првенството во Шпанија, Реал Мадрид има четири бода предност пред Барселона. Во една ваква ситуација, речиси и да не се памти кога лидерот успеал да ја прокоцка предноста, но тренерот на Барселона, Кике Сетјен, верува дека чудото може да се случи.

Каталонскиот гигант во последното одиграно коло беше убедлив на гости кај Вилјареал и победи со 4:1. Иако мора да чека два кикса на Реал Мадрид, тренерот Сетјен не сака да се откаже од трката за титулата.

„Мораме да направиме сè што можеме. Секако дека уште сме во игра за титулата во првенството. Математиката така покажува. Ние ќе се надеваме до последниот ден“, вели Сетјен.

Доколку Барселона не успее да го одбрани тронот, речиси сигурно е дека Сетјен ќе добие отказ, па можно е ова да бидат последните четири меча за него на клупата на гигантот од „Камп ноу“ во Примера дивисион.

Барселона во следното коло ќе игра против градскиот ривал Еспањол, додека Реал е домаќин на Алавес.

 

- Оглас -

Најнови вести