Реал и Баерн го подготвуваат најголемиот трансфер во историјата на фудбалот?!

Реал Мадрид сериозно тргна по потписот на францускиот репрезентативец Мајкл Олисе, а претседателот Флорентино Перес наводно е подготвен да испрати понуда вредна 150 милиони евра.

Иако Перес јавно не потврди дека станува збор за ѕвездата на Баерн Минхен, шпанските медиуми тврдат дека токму Олисе е главната трансферна цел на „кралевите“ ова лето.

Од Минхен веднаш испратија порака дека продажба не е опција, но шпанскиот весник „Ел Дебате“ пишува дека Баерн би можел да попушти доколку на маса се појави рекордна понуда од 225 милиони евра.

Според истиот извор, Олисе е заинтересиран за преселба на „Сантијаго Бернабе“ и веќе разговарал со своите сонародници Мбапе, Камавинга и Чуамени.

„Олисе сака да игра за Реал Мадрид следната сезона. Баерн ќе размисли за продажба само доколку добие рекордна понуда од 225 милиони евра“, наведуваат шпанските медиуми.

Доколку се реализира ваков трансфер, тој би станал најскапиот во историјата на фудбалот. Актуелниот рекорд го држи трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ во 2017 година за 222 милиони евра.

Олисе пристигна во Баерн во летото 2024 година од Кристал Палас за 53 милиони евра и се покажа како вистински погодок. Во дресот на баварскиот гигант досега одигра 107 натпревари, постигна 42 голови и запиша 54 асистенции.

За Реал Мадрид неговото евентуално доаѓање би претставувало уште еден чекор во изградбата на нов супертим, во кој веќе настапуваат Винисиус Жуниор, Родриго, Џуд Белингам и Килијан Мбапе.

Од друга страна, Баерн би добил огромна финансиска инјекција која би му овозможила да донесе неколку врвни засилувања и дополнително да го засили составот за наредните сезони.

Останува да се види дали Реал навистина ќе биде подготвен да го сруши светскиот трансфер-рекорд за да го доведе еден од најбараните офанзивци во европскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести