Тренерот на Болоња симна две „проклетства“ со триумфот во Купот на Италија

Фудбалерите на Болоња синоќа го освоија Купот на Италија откако во големото финале на „Олимпико“ во Рим го совладаа Милан со 1-0, и тоа по пауза од цели 51 година.

Ова е трет куп-трофеј во историјата на клубот, претходно освоија во 1970 и 1974 година, а Болоња останува и седумкратен шампион на Италија – иако последното Скудето го освои далечната 1964 година.

Трофејот го донесе тренерот Винченцо Италијано, кој ова лето го наследи Тијаго Мота, откако тој замина во Јувентус по фантастичната сезона со пласман во Лигата на шампионите.

Винченцо Италијано пристигна од Фиорентина со етикета на губитник во финалиња, откако загуби две финалиња од Конференциската лига (против Вест Хем и Олимпијакос) и едно финале на Купот на Италија (од Интер).

Но, овојпат конечно ја прекина црната серија и го донесе историски пехар во Болоња.

„Оваа сезона беше неверојатно патување до трофејот – сите заедно! Овие луѓе го заслужија ова. Доаѓам по три загубени финалиња со Фиорентина. Тоа беа големи разочарувања. Не очекував дека веднаш ќе успеам со Болоња, но – еве трофеј! Го посветувам на семејството Бароне“, изјави видно возбудениот Италијано, посветувајќи го успехот и на покојниот директор на Фиорентина, Џо Бароне.

Болоња сè уште има реални шанси за пласман во Лигата на шампионите. Две кола пред крајот на Серија А, тие се седми со 62 бода, само два помалку од Јувентус и Лацио, кои го делат четвртото место.

За тоа да се случи, Италијано и неговите избраници ќе мора да победат на гости против Фиорентина и дома против Џенова, а во исто време да се надеваат на киксови на директните конкуренти.

- Оглас -

Најнови вести