Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, верува дека офанзивниот играч на лондонскиот тим, Михајло Мудрик, е невин по обвинението дека користел недозволени допинг-средства. Украинскиот репрезентативец бил позитивен на тестот направен пред нешто повеќе од еден месец и сега му се заканува четиригодишна суспензија.
Допинг-тестот бил по еден од натпреварите на украинската репрезентација против Грузија или Албанија. Во телото на фудбалерот бил пронајден мелдониум, супстанца која е забранена од 2016 година и поради која тенисерката Марија Шарапова доби двегодишна суспензија.
„Можам да потврдам дека бев информиран дека примерокот што го дадов содржи забранета супстанција. Ова е целосен шок за мене бидејќи никогаш свесно не сум користел нелегални супстанции или не сум ги прекршил правилата и тесно соработувам со мојот тим за да разберам како тоа можело да се случи.
Тренерот на Челзи, Мареска, вели дека сите од Челзи му даваат поддршка на Мудрик.
„Клубот, стручниот штаб и сите на теренот ќе го поддржат. Општа поддршка. Му веруваме – кога ќе се случат вакви работи, мора да го поддржите играчот. Тој е играч на Челзи и моја должност и одговорност е да бидам во контакт со него. Му веруваме и ние сме со него, веруваме во неговата невиност“, изјави италијанскиот стратег кој е на клупата на Челзи.