Винсан Компани, актуелниот менаџер на лидерот во Чемпионшип дивизијата, Барнли, го сврте вниманието на големите англиски екипи, а една од нив е и Тотенхем, која сака тој да биде тренер од следната сезона.
Компани, кој тренерската кариера ја започна на клупата на Андерлехт, за една година успеа да го трансформира Барнли, чиј член е македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, од тим кој игра дефанзивен фудбал, во екипа која сезонава постигна најмногу голови во Чемпионшип дивизијата и на шест кола до крајот веќе го обезбеди пласманот во Премиер лигата.
Англиските медиуми пишуваат дека претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, одлучил да разговара со Компани бидејќи го смета за еден од главните фаворити да ја предводи екипата од следната сезона.
Освен Компани, кој е играчка легенда на Манчестер сити, во игра за клупата на Тотенхем се и Јулијан Нагелсман, кој неодамна доби отказ во Баерн Минхен, и поранешниот тренер на Петлите, Маурисио Покетино.
Италијанецот Антонио Конте доби отказ минатиот месец и екипата до крајот на сезоната ќе ја предводи неговиот поранешен помошник, Кристијан Стелини.