Динамо Загреб без многу проблеми славеше над Шибеник со 3:0 во меч на кој тренерот Анте Чачиќ реши да ги одмори македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски, кои не беа во стартниот тим. И без неколку стандардни играчи, Динамо немаше проблеми против претпоследната екипа во Лигата, па уште по првото полувреме Модрите водеа со 2:0 и беше јасно дека ќе ги освојат трите бода.
Адеми влезе во 74-тата минута и ги одигра последните 20-тина минути, додека Ристовски остана на клупата. По дуелот, тренерот на Динамо, Анте Чачиќ, најави дека потребен е одмор како за него така и за играчите.
„Задоволен сум од начинот на којшто одигравме. Бевме сериозни, мотивирани и ангажирани, па уште во првото полувреме ја завршивме работата“, вели Чачиќ, кој додаде дека по следниот меч против Риека ќе следува подолга пауза за сите во клубот.
„На поширокиот список на хрватската репрезентација има шестмина фудбалери од Динамо, а тука е и Мохарами. Би сакал сите да играат на Мундијалот. Играчите сега ќе имаат два дена пауза, а потоа се гледаме в среда. По мечот со Риека, планот ми е да не ги гледам фудбалерите, а ни тие мене барем три недели. Мислам дека сите ќе бидат среќни за тоа. Ова ни беше 29-ти натпревар сезонава и секако потребен е одмор“, вели Чачиќ.