Актуелниот англиски првак Ливерпул е единствен кој има максимални 12 бода по првите четири кола во новата сезона. Следниот голем предизвик за Ливерпул ќе биде утре на „Енфилд роуд“, и тоа против градскиот ривал Евертон.
Повеќе од еден век трае ривалството меѓу овие два клуба, а интересно е дека на последните три меѓусебни дуели, двата тима имаат по една победа, а еднаш беше нерешено.
Иако Ливерпул е голем фаворит за победа, тренерот на Евертон Дејвид Мојс верува дека неговиот тим може да направи изненадување.
„Сакаме да ја задржиме нашата добра форма и со нетрпение очекуваме да одиме на Енфилд за да видиме како ќе се покажеме. Ливерпул потпиша со многу добри играчи, па затоа сакаат да се подобрат уште повеќе. Но, и ние го направивме тоа. Исак? Не можам да се фокусирам на играчите на Ливерпул, можам само да се фокусирам на подготовка на моите играчи за натпреварот и да се покажат добро во него. Нема сомнение дека имате некои навистина талентирани играчи, а Исак е еден од нив“, вели Мојс.
Евертон солидно стартуваше во новата сезона и има две победи, реми и еден пораз, па со седум бода е на шестото место на табелата.
„Кои се слабостите на Ливерпул? Секако, нема да ви кажам што ќе им кажам на моите играчи. Ливерпул многупати покажа во што е многу добар, но исто така покажа и одредена ранливост кога прими голови. Ќе мора да се обидеме да ги искористиме тие моменти. Минатата година игравме против нив на „Енфилд“ и загубивме со гол од офсајд. Сакаме повторно да бидеме блиску и можеби овојпат работите ќе тргнат во наша корист“, анализира Мојс.