И Португалците го фатија англискиот празничен возен ред на натпревари, што почнува да им пречи и на играчите и на тренерите, па Луис Фреире со изјава во која ја критикува националната федерација ги насмеа своите сограѓани.
„Немаме пауза во последните две недели. Празници се, а сите ние фудбалски луѓе не сме ги виделе семејствата. Патувања, фудбал, тренинг, терен и играчи. Тоа е се што сум видел за 14 дена. Игравме три натпревари за една седмица. Кажете ми да знам, дали станавме Англичани, или ќе останеме Португалци“, вели тренерот на Национал.
Неговиот тим и не мина толку лошо во набиениот празничен календар за божиќните празници, па забалежа две победи и очекуван пораз од Порто, но Фреире јавно ја кажа забелешката што ја имаат грото играчи и тренери во Португалија, а тоа е да не се играат толку мечеви за празниците.
„Мора да сум се преселил во англиската Премиерлига. Тие играат толку многу натпревари за Божиќ, но тоа е 120-годишна традиција кај нив. Гледам дека и таму веќе се бунтуваат на таквото темпо на мечеви, а ние фативме да препишуваме од нив. Некој треба добро да размисли и да ја смени одлуката“, додаде Фреире по денешната победа на Национал против Тондела со 2:0.
Тоа беше последниот меч за тимот што го предводи Фреире во 2020 година, а натпреварите во португалската Прва лига продолжуваат веќе на 2. јануари.