Тренерот на белградскиот Партизан, Срѓан Благојевиќ, по елиминацијата од Хибернијан во квалификациите за Конференциската лига изјави дека е горд на своите момци, но и тажен што фудбалот бил суров кон нив.
Партизан дома загуби со 0-2 од Шкотите на првиот меч, но синоќа во Единбург на полувреме водеше со 2-0. Домашните со неверојатен гол намалија на 1-2, а во 63-тата минута дојде и црвениот картон за Симиќ од Партизан. И со човек помалку, Партизан даде гол за 3-1, резултат кој го однесе мечот во продолженија. Во екстра периодот Хибербијан даде гол, а Црно-белите имаа статива и за малку не се изборија за пенали.
„Ова наше патување заврши, за жал, во неверојатно сценарио. Фудбалот беше доста суров кон овие наши деца. Тие ќе го паметат ова искуство долго време, секако не со пријатни чувства, но ќе им помогне да созреат. Двапати добивме мечеви со АЕК Ларнака и сега, а бевме елиминирани. Покрај тоа, со Хибернијан на двата меча над два часа бевме со играч помалку. Кога игравме 11 на 11, покажавме дека заслужуваме да поминеме понатаму. Многу сме тажни, но сум горд како тренер на оваа млада група момци. Сигурни сме дека нè очекува добра иднина“, рече Благојевиќ.