Тренерот на Пари Сен Жермен, Кристоф Галтие, смета дека повредата на Килијан Мбапе не е толку сериозна за да не може да игра на Мундијалот во Катар. Со оваа оптимистичка изјава, Галтие им олесни на Французите, кои во Мбапе гледаат адут за освојување на нова светска титула.
Мбапе синоќа против Лориен предвреме го заврши натпреварот и беше повлечен од игра, па Французите се загрижија дека повредата може да го спречи да игра на СП во Катар, а првенството стартува за неполни две недели.
„Не е ништо сериозно. Треба да видиме што е со Бензема, за Килијан не треба да се грижиме. Тој игра цело време, па во овој случај подобро беше да не ризикуваме посериозна повреда и затоа самиот побара измена“, изјави Галтие.
Франција и без Мбапе има силен напад, со Бензема, Жиру, Гриезман, Нкунку, Дембеле и останатите, но, секако, не би било добро ако на СП не отпатуваат во комплетен состав.