Англискиот бек Трент Александер-Арнолд денеска формално ги мина лекарските прегледи и потпиша договор со Реал Мадрид, а на првото обраќање како играч на Кралскиот клуб својот говор го почна на шпански јазик, што им се допадна на присутните и на фановите.
„Ви благодарам на сите за оваа можност. Потпишувањето за Реал Мадрид не се случува секој ден, за мене тоа е остварување на сон. Знам дека играњето за Реал Мадрид е огромна одговорност, но јас сум подготвен. Свесен сум за одговорноста што доаѓа со играњето тука. Ќе дадам сè од себе за да ја покажам мојата игра и да освојам многу титули“, рече Трент.
Како што беше најавено, Трент во Реал ќе носи дрес со бројот 12 и на грбот нема да му биде испишано презимето, туку името. На церемонијата беа и родителите и девојката на Александер-Арнолд.
Офанзивниот бек дебито за Реал ќе го има на 18 јуни, на дуелот со Ал-Хилал од Светското клупско првенство.