Еурофарм Пелистер, Вардар и Алкалоид со по 40 освоени бода го завршија регуларниот дел од сезоната во ракометната Супер лига, но битолчани ќе тргнат од пол-позицијата во борбата за титулата.
Екипите добиваат бодови според пласманот на табелата, па така Еурофарм Пелистер ќе стартува со три бода, додека Вардар и Алкалоид со по два. Охрид и Тиквеш разигрувањето за титулата го почнуваат со по еден бод, додека шестопласираниот Бутел ќе тргне од нула.
Натпреварите од плејофот започнуваат во среда, на втори април, додека последното, 10-то коло ќе се одигра на седми јуни.
Во борбата за опстанок, Пролет ќе започне со три бода, Прилеп и Куманово со по два, ФЛ Борец и Струга со по бод, додека Радовиш од нула. Последнопласираната екипа ќе испадне, додека претпоследната ќе игра бараж-натпревар против второпласираната од Првата лига.