Три од три за МЗТ Скопје во Нови Сад за чекор до пласман во четвртфинале во АБА2-лигата

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје славеше и на третиот меч на турнирот од АБА2-лигата кој се играше во Нови САД и дојде на чекор до заверка на пласманот во четвртфиналето.

Металците во неизвесна завршница славеа со 89:84 против Војводина и по десет кола во АБА2-лигата имаат учинок од седум победи и три порази за делба на третото место на табелата.

Во последните три кола од регуларниот дел од сезоната кои се играат турнирски, МЗТ Скопје треба да слави на еден меч за да го завери пласманот во разигрувањето за пласман во АБА-лигата.

Металците одиграа фантастично прво полувреме во кое шутираа со неверојатни 65 отсто за три поени, погодија 11 тројки од 17 шутеви, и на одмор заминаа со водство од 54:42, додека најголемата предност во неколку наврати изнесуваше 15 поени.

Во третата четвртина, затаи шутот и Војводина успеа да се врати во игра и во последната четвртина да поведе со 67:68. Потоа до финишот се играше поен за поен, а МЗТ Скопје победата ја завери со поените на Баковиќ на 14 секунди до крајот за водство од 88:84. На седум секунди до крајот, Баковиќ со поенот од слободно фрлање го постави конечниот резултат.

Токму Баковиќ со 17 поени беше најпревизен кај МЗТ Скопје, каде се истакнаа и Ворки и Дамјан Стојановски кои дадоа по 13 поени, додека кај Војводина, Зоран Николиќ имаше дабл-дабл од 20 поени и 12 скока.
Најдобар

- Оглас -

Најнови вести