АЕК Ларнака ќе биде еден од ретките состави во историјата на европските купови што ќе одигра меч со стартен состав комплетно сочинет од странски фудбалери.
Иван Тричковски и Даниел Мојсов за помалку од еден час ќе истрчаат на „Бај арената“ во Леверкузен на мегдан со Баер, заедно со шест шпански фудбалери, еден Австралиец, Холанѓанец и Бразилец. Во почетната постава нема ниту еден кипарски фудбалер, па домашните играчи ќе чекаат шанса од клупата.
Кај тренерот Андони Ираола, кој е Шпанец, стандардни се двајцата наши играчи со репрезентативно педигре. Тричковски е прв стрелец на АЕК во ова издание на Лигата на Европа, а Мојсов е столб во одбраната.