Ливерпул се израдува на првиот трофеј во новата сезона откако со 3:1 славеше над Манчестер сити во Комјунити Шилд. За Ливерпул ова е 16-ти трофеј во ова натпреварување, но прв по пауза од една и пол деценија. Со оваа победа, тренерот Јирген Клоп ја комплетираше својата витрина на пехари освоени во сите најзначајни натпреварувања во Англија.
Секој трофеј е значаен посебно кога е освоен во дуел против најголемиот ривал, но има една традиција која не оди во прилог на тимот од „Енфилд роуд“. Според резултатите во последните 11 години, клубот кој ќе се радува на пехарот во Комјунити Шилд, едноставно може да заборави на освојување на трофејот во Премиер лигата.
Во изминативе 11 години, Манчестер сити во 2018 година е единствениот кој успеа да се радува во Комјунити шилд, а потоа истата сезона да го освои и првенството. Лани освојувач на овој трофеј беше Лестер, тим кој на крајот заврши дури на деветото место во Премир лигата.
Ако се погледне и малку подалеку, односно од 2001 година до сега, само шест пати клубот кој триумфирал во Комјунити шилд, таа сезона станал и првак на Англија. Едноставно сега Ливерпул против себе ќе има една интересна негативна традиција да сруши во Премиер лигата.