Челниците на актуелниот француски шампион ПСЖ ја започнаа потрагата по нов тренер за следната сезона кој треба да го наследи Кристоф Галтие и најверојатно ќе избираат од четири имиња кои ги имаат на листата, а тоа се тројца Италијанци и Жозе Мурињо како главен фаворит.
Најголема желба на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, е Зинедин Зидан, но Французинот не се гледа на клупата на Светците.
Прво име на списокот на желби на Ал-Келаифи е тоа на актуелниот тренер на Рома, Жозе Мурињо. Доколку Рома не обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона, екипата нема да биде конкурентна ниту за титулата во Серија А и тоа може да го натера Мурињо да си замине од тимот.
Од друга страна, опсесија на Ал-Келаифи и на емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал-Тани, кој е сопственик на ПСЖ, е освојување на трофејот во Лигата на шампионите и за тоа Мурињо е најдобра опција. Португалецот со Порто и со Интер двапати триумфира во ЛШ и тоа е неговиот адут пред тројцата Италијанци, Антонио Конте, Масимилијано Алегри и Роберто Манчини.
Конте со задоволство би ја прифатил понудата да седне на клупата на ПСЖ, но француските медиуми пишуваат дека челниците на клубот се скептични поради неговиот карактер и истапите во јавноста кои го чинеа отказ во Тотенхем.
Другите двајца Италијанци, Алегри и Манчини, според медиумите имаат најмали шанси и со нив би се разговарало доколку не успеат да најдат заеднички јазик со Мурињо и Конте.