Легендарниот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ ќе се испроба во нова улога на Светското првенство оваа година во САД, Мексико и Канада.
Поранешниот играч на Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, ПСЖ, Лос Анџелес галакси и Милан е потврден како ново големо име на „Фокс спортс“, американскиот телевизиски сервис кој ги има правата за емитување на Мундијалот во англофонскиот свет.
Швеѓанецот моментно е во раководството на Милан, каде што ја заврши својата професионална кариера, но тоа нема да го спречи да биде коментатор на претстојното Светско првенство.
„Претстојното Светско првенство ќе биде најдоброто во историјата! Со задоволство објавувам дека ова лето ќе се приклучам на „Фокс спортс“ во САД како коментатор за Светското првенство. Америка, нема на што“, објави Ибрахимовиќ во свој стил.
„Тука сум да им ја кажам добрата вест на американскиот народ: не доаѓа само Светското првенство на „Фокс“ ова лето, туку и Златан! Се гледаме наскоро!“, заклучи Ибра.

