МЗТ Скопје и Работнички синоќа ја одиграа една од најинтересните дерби-пресметки последниве години, а на крајот се радуваше актуелниот шампион со 97-93, дури по продолжение од пет минути. Иако навидум изгледаше дека дербито мина во најдобар ред, сепак дневниот билтен со настапи на Министерството за внатрешни работи открива дека тројца навивачи завршиле во полициска станица.
Двајца од нив поради фрлање на предмети во теренот, а еден поради носење пејпер спреј.
„На 29.03.2026 во 19:30 часот во Скопје, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, каде што се одржувал кошаркарски натпревар помеѓу КК МЗТ Скопје и КК Работнички-Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Д.Н.(45), Ф.С.(18) и А.В.(46), сите од Скопје, затоа што Д.Н. и А.В. фрлале предмети во салата, а Ф.С. носел пејпер спреј. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат прекршочни пријави од Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортски натпревари“, се вели во билтенот на МВР.

