Голден стејт е во незавидна ситуација. Актуелниот НБА-првак губи со 1:3 во финалето против Торонто и доколку загуби уште еднаш, титулата ќе замине во Канада. „Воините“ делуваат инфериорно во досегашниот дел од финалето, но голема заслуга за такво нешто е неиграњето на Кевин Дурант.
Големата ѕвезда на Голден стејт се повреди во финалето на Западот и досега ги пропушти сите четири меча против Торонто. „Рептилите“ тоа го искористија и водат со 3:1. Со Дурант на терен, Голден стејт е многу посилен, па ќе биде интересно да се види како ќе биде петиот меч, во кој Торонто е домаќин и ќе ја има првата шампионска можност.
„Кевин денеска тренираше со малку посилен интензитет. Состојбата на неговата нога е многу подобра и се очекува наскоро да биде подготвен. Можно е да игра неколку минути на следниот меч“, најави тренерот на Голден стејт, Стив Кер.
Следниот меч се игра во вторник наутро во 3 часот.