Семејството на навивачот на Ливерпул Ричард Мавсон бара одговори од државните власти за „биолошката бомба“ која се случи на „Енфилд роуд“.
Ричард е еден од навивачите кои биле на легендарниот стадион да го гледа дуелот меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид, а токму тогаш и се заразил од корона-вирусот и на 17 април почина. Мечот на „Енфилд роуд“ се одигра со присуство на публика, иако во тоа време се разгоруваше пандемијата со корона-вирусот, а Шпанија посебно Мадрид беше едно од најголемите жаришта.
„Сите знаевме дека доаѓа вирусот, но кога од Владата ви велат дека сè е во ред, вие им верувате дека е така. Сигурни сме дека 99 отсто Ричард вирусот го добил на стадионот, затоа што претходно речиси и да не излегуваше од дома, а цели 70 години не беше болен. При влегувањето на стадионот се разминал со поголема група навивачи на Атлетико Мадрид. Нашата Влада делуваше предоцна“, велат роднини на починатиот навивач на Ливерпул.
Мечот меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид се одигра на 11 март, а во англискиот град допатуваа околу 3.000 навивачи на Атлетико. Подоцна дојде и претпоставката дека токму тој меч бил „биолошка бомба“ и дека е причина за многу заболени во Англија.