Црвена ѕвезда постигна договор со Драган Шакота, поранешниот селектор на Србија. Соработката ќе трае до крајот на сезоната, а во однос на резултатите ќе се одлучува дали истата ќе биде продолжена на уште една дополнителна година.
Црвено-белите повторно му ја дадоа довербата на Шакота, откако првпат на кормилото застана во 2005 и работеше до 2007 година. Тој е замената за Милан Томиќ, а обврските ги презема од привременото решение Андрија Гавриловиќ, кој го водеше тимот во изминативе месец дена.
Шакота е тренер со раскошна кариера, предводел 14 екипи досега меѓу кои се и гиганти од овие простори како Олимпијакос, Цибона, Задар, а во 2006 година беше и селектор на тогашна Србија и Црна Гора.
Шакота своето деби на клупата на јадранскиот првак ќе го има во понеделник, кога Ѕвезда ќе го пречека тимот на Морнар во рамки од осмото коло во АБА лигата.