Тудор: Десет играчи ми побараа замена против Реал Мадрид

Игор Тудор изјави дека дури десет фудбалери побарале замена поради физички проблеми во поразот на неговиот Јувентус од Реал Мадрид (0-1) во осминафиналето на Светското клупско првенство, но потенцираше дека е задоволен од тактичкиот настап на неговиот тим.

Натпреварот во Мајами беше исклучително интензивен, а единствениот гол го постигна Гонзало Гарсија со удар со глава по центаршут од Трент Александер-Арнолд. Голманот Микеле Ди Грегорио го одржа Јувентус во игра со неколку фантастични интервенции против Џуд Белингам, Федерико Валверде и Арда Ѓулер, додека Рандал Коло Муани ја пропушти најдобрата шанса за Италијанците на почетокот, кога ја префрли топката над голот.

„Мора да им честитам на момците. Се држеа до договорената тактика и дадоа сè од себе во дадените околности. На крајот, дури десетмина побараа замена“, изјави Тудор за „Спорт Медиасет“.

Во текот на натпреварот, Лојд Кели беше заменет поради мускулна повреда, додека Федерико Гати настапи со симптоми на грип, што дополнително ги усложни дефанзивните проблеми. Најмногу внимание привлече замената на Кенан Јилдиз во 71-тата минута, со оглед дека 20-годишниот турски напаѓачна клупскиот Мундијал имаше три гола и две асистенции во четири натпревари.

„Јилдиз се истегнуваше, се плашевме дека може да се повреди. И другите беа во слична состојба. Имавме уште една замена, сакав да внесам офанзивец, но се повреди Консеисао, па се плашев да не останеме со десетмина играчи“, објасни хрватскиот стратег.

Јувентус го заврши настапот на Светското клупско првенство со две победи и два порази, но Тудор смета дека тимот одигра многу подобро отколку против Манчестер сити, кога загуби со 5-2.

„Против два врвни тима буквално учевме фудбал. Но, вреди да се споредиме со нив за да видиме каде сме и да учиме. Против Реал имавме сосема поинаква стратегија. Освен тоа, натпреварот со Сити беше без натпреварувачко значење, а овој беше елиминациски“, нагласи тој.

Тудор досега има седум победи, три нерешени и три порази на клупата на Јувентус.

„Не знаеш кога Реал е поопасен – кога комбинира или кога оди во контранапад. И ние имавме свои шанси. Им честитав на играчите и од тука продолжуваме да градиме“, рече Тудор.

На прашањето што ќе му биде најпотребно на тимот за следната сезона, Тудор одговори со насмевка.

„Сега не е време за такви прашања. Прво малку одмор, па потоа ќе се подготвиме за новата сезона. Нека се одморат сите добро“, заврши хрватскиот тренер.

- Оглас -

Најнови вести