Грчкиот медиум Zougla неофицијално дознава дека е уапсен грчки државјанин кој се сомничи дека е вмешан во убиството на навивачот на АЕК, Михалис Кацурис. Несреќниот Кацурис беше убиен во август за време на нередите во Атина меѓу навивачите на Динамо Загреб и АЕК.
Според грчкиот медиум, уапсен е сопственикот на ножот кој е пронајден на местото каде што е убиен Кацурис. Се работи за навивач кој од порано ѝ е познат на полицијата и учествувал и во други нереди, а сега има доволно докази да го затвори во истражен затвор.
Се работи за хулиганот А.Д., кој веќе е осудуван и тоа за нередите во градот Волос во 2017 година, кога на стадионот „Пантхесал“ беа повредени најмалку 15 луѓе. По тие нереди, А.Д. бил осуден на 12 месеци затвор.
По убиството на Кацурис, А.Д. дал исказ во полиција во кој потврдува дека бил дел од навивачите на АЕК во населбата Неа Филаделфија, дека бил во близина на Михалис и дека имал нож, но го изгубил за време на нередите.
На безбедносните снимки кои ги снимиле нередите, се гледа како осомничениот А.Д. во неколку ситуации трча во близина на Михалис Кацурис, дури неколку пати и се „судираат“ додека се обидуваат да избегаат.
Тој не е сигурен дали ножот му паднал пред да дојде во контакт со Михалис или потоа, но дека дури и да било после тоа, сигурен е дека со ножот не го закачил сега веќе починатиот. Инаку, осоничениот и починатиот се познавале повеќе од 10 години и биле пријатели. Дека навивач на АЕК може да биде убиецот на Михалис, се шпекулираше и неколку дена по трагедијата, а останува да се види дали наскоро ќе има разрешница на убиството кое ја шокира целата фудбалска светска јавност.
Десетминутно видео на кое се гледаа голем дел од инцидентот и движењата на починатиот Михалис и осомничениот А.Д. може да го видите ТУКА.