Фудбалската легенда на Динамо и на Хрватска, Марко Млинариќ изненади многумина со прогнозата дека Србија може да го повтори успехот на „коцкестите“ и да игра мундијалско финале во Катар.
Хрватите блескаа на минатото Светско првенство во Русија пред четири години кога играа меч за титулата со Франција, но загубија со 4:2, а сега Млинариќ верува во Србите.
„Србија и Бразил ќе ја минат првата фаза по групи. Ме импресионира самодовербата на српските репрезентативци. Имаат одличен селектор и одлични офанзивци. Можат да забележат голем резултат во Катар, нешто слично на Хрватска во Русија“, вели Млинариќ.
Србија е во една од најтешките групи на Мундијалот, во друштво со рекордерот и петкратен светски првак Бразил, потоа и со Швајцарија, како реприза на истата група со тие три репрезентации од претходното СП и плус Камерун.
Млинариќ има интересна изјава и за неговата Хрватска.
„Не мора ништо да направиме и пак ќе бидеме препознатливи. Јас ќе ги паметам бронзата од 1998 и среброто од 2018 година додека сум жив. Првенството во Катар на некој начин ќе значи и простување на доста репрезентативци на чело со Лука Модриќ. Имаме добра група барем на хартија и очекувам да ја пројдеме фазата по групи. Потоа се ќе биде можно, а Лука и соиграчите сигурно ќе се потрудат последниот негов настап на Мундијал да биде впечатлив“, додаде Млинариќ.
Хрватска е во група со Белгија, Мароко и Канада во првата фаза на шампионатот што ќе се игра од 21. ноември до 18. декември оваа година.