Реал Мадрид и Бенфика вечерва ќе го одиграат реваншот од плејофот во Лигата на шампионите на „Сантијаго Бернабеу“. Првиот натпревар во Лисабон заврши со минимална победа на Кралевите од 0-1 благодарение на прекрасниот гол на Винисиус јуниор.
Меѓутоа, мечот беше засенет од контроверзна ситуација кога Аргентинецот Џанлука Престијани беше обвинет од Винисиус за расистички навреди. Ситуацијата доведе до кратко прекинување на натпреварот. По ова, УЕФА го суспендира Престијани.
Бенфика поднесе жалба до УЕФА барајќи Престијани да може да настапи вечерва, но Контролно-етичкото и дисциплинско тело на УЕФА ја одби нивната жалба, па Престијани останува суспендиран за реваншот против Реал Мадрид.
„Жалбата поднесена од Бенфика се одбива. Со тоа се потврдува претходната одлука на Контролно-етичкото и дисциплинско тело на УЕФА. Џанлука Престијани останува привремено суспендиран за натпреварот за кој инаку би имал право на настап“, истакнаа од УЕФА.
Реал Мадрид исто така ќе биде ослабен затоа што поради повреда нема да настапи Килијан Мбапе.

