Актуелниот освојувач на англискиот ФА куп, Кристал палас, се спаси од целосна дисквалификација од европските купови, но нема да се натпреварува во Лигата на Европа. Одлуката на УЕФА е да го префрли во Конференциската лига, а на негово место во второто по ранг европско клупско натпреварување да го вклучи Нотингем форест.
Ова е разврската од сагата околу Лион и Кристал, кои имаат иста сопственичка структура, а и двете обезбедија пласман во Лигата на Европа. Правилата на УЕФА не дозволуваат такво нешто, па премиерлигашот се надеваше дека француската екипа ќе биде исклучена од Европа поради финансиските проблеми.
Сепак, тоа не се случи, а Лион како подобропласиран останува да учествува во Лигата на Европа, а Кристал палас и дефинитивно се сели во Конференциската лига, иако има право на жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана.