УЕФА го менува курсот – Ќе се игра фајнал-фор за титулите во ЛШ и во ЛЕ?

УЕФА веројатно ќе го смени планот да се доигра сезоната во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа на регуларен начин, а шпанските медиуми објавија дека се размислува за фајналфор турнир во Истанбул и во Гдањск, градовите домаќини на планираните финални мечеви за европската круна и за шампионскиот пехар во ЛЕ.

Според новиот план на Европската куќа на фудбалот, што засега сепак не е потврден, а може да биде реалност на 17 јуни, кога конечно ќе се знае форматот за завршување на сезоната, би се играле и по еден четвртфинален меч и во ЛШ и во ЛЕ, без реванши, и тоа на неутрален терен.

Првично УЕФА најави дека во август ќе се доиграат сите мечеви по стандардната шема. Почетокот требаше да биде на 2 и 3 август со натпревари во Лигата на Европа, а потоа на 7 и на 8 август да се доиграат и четирите преостанати реванш-мечеви од осминафиналето во Лигата на шампионите.

Потоа со забрзано темпо требаше да се одиграат и останатите нокаут-двомечи сè до финалето на Лигата на Европа на 27 август во Гдањск и два дена подоцна да се спушти завесата во еврокуповите со финалниот меч за европската титула во Истанбул.

- Оглас -

Најнови вести