УЕФА има нов последен рок за изјаснување на 55-те членки, а 25 мај ќе биде „дедлајнот“ за да се презентираат плановите на националните фудбалски федерации како и кога ќе ја продолжат и завршат сезоната.
Два дена подоцна Извршниот Комитет на УЕФА ќе ги соопшти одлуките на своите 55 членки. Можно е да има и фудбалски првенства што нема да продолжат, но и за нив 25 мај е краен рок за тоа да и го соопштат на УЕФА.
Дел од најсилните фудбалски првенства веќе ги одредија термините за камбек на фудбалските терени, а прва треба да почне Бундеслигата.
Германците планираат да почнат одново да играат на 9 мај, а термини има и за италијанската Серија А и за англиската Премиер лига.
Се чека одговорот на Шпанците и Французите, но и на сите останати национални асоцијации, меѓу нив и на ФФМ, како и дали ќе се доигра македонското првенство.