Кошаркарската А репрезентација на Македонија вечерва од 19 часот во салата СРЦ „Кале“ во Скопје против Унгарија ќе го затвори августовскиот циклус претквалификации за Светското првенство.
Унгарија на првиот меч победи со 96-58 и потврди дека е поквалитетна, а Унгарците и вечерва се големи фаворити, тоа го потврдува и квотата во Sport Life за нивна победа вечерва.
„Унгарија е најискусна екипа и игра најдобра кошарка во групата. На оној натпревар во Солнок, тие погодија се, ние имавме лош шут. Резултатски мечот не значи многу, но ќе гледаме да го извадиме нашиот максимум, па дај Боже и да победиме. На хартија сме помалку квалитетна репрезентација од Унгарија, во однос на искуство и на заеднички години, но ќе се бориме“, порачува селекторот Марјан Илиевски.
Македонија има свои адути. Тоа се домашниот терен и заморот на Унгарците кои долго патувале до Скопје и пристигнале дури синоќа.
Има и уште една работа. Унгарците се во ситуација да „бираат“ дали да бдат први или втори во групата.
Ако ја победат Македонија, ќе завршат на првото место во групата Е и во квалификациите за СП ќе се соочат со Грција, Црна Гора и Португалија.
Ако загубат во Скопје, би биле втори зад Романија, противници во квалификациите во таква ситуација ќе им бидат Франција, Белгија и Финска.