Од синоќа, Унгарија може да се пофали дека има еден од најубавите стадиони во Европа. Арената „Ференц Пушкаш“ и официјално беше пуштена во употреба со мечот Унгарија – Уругвај. Стадионот е изграден на местото каде што претходно беше стариот стадион „Непстадион“ изграден во далечната 1953 година. Подоцна овој стадион пред преименуван во „Ференц Пушкаш“, а откако беше донесена одлука за изградба на нова арена, во 2016 година, беше срушен стадионот стар повеќе од половина век.
Почетниот удар на новиот стадион го изведе 93-годишниот Никита Симоњан, кој играл на отворањето на „Непстадиона“ во далечната 1953 година кога неговиот Спартак Москва гостувал на Хонвед. Уругвај ќе се памти како прв победник на новиот стадион, бидејќи некогашниот двократен светски првак славеше со 2:1 против домаќинот Унгарија.
Изградбата на стадионот започна во 2017 година, а чинеше дури 620 милиони евра и сега делува импресивно. Овој стадион следната година ќе биде домаќин на дури четири меча од Европското првенство 2020. Три дуели ќе бидат од групната фаза, а еден ќе биде од осуминафиналето. УЕФА ги има дадено максималните четири ѕвезди на стадионот кој собира 68.000 гледачи.