Уште четири нови случаи на Ковид-19 во Серија А

Неколку часа по потврдата на Фиорентина дека шестмина членови на клубот се позитивни на корона-вирусот, лоши вести произлегоа и од таборот на Сампдорија, која потврди четири нови случаи.

Од нив три случаи биле веднаш забележани, додека кај еден играч вториот тест бил позитивен. Ова никако не се добри вести за Калчолигата и нивната подготовка за продолжување на првенството кое треба да се случи на почетокот од јуни.

„Моментно сите позитивни лица се без симптоми и сместени во карантин. Нивната ситуција ќе се следи константно според протоколот“, известуваат од таборот на Сампдорија.

Клубот од „Луиџи Ферарис“ беше најпогоден од пандемијата откако претходно потврдија пет случаи, а вирусот толку многу се рашири во нивните простори, што ги натера извесно време да не објавуваат нови случаи. Маноло Габијадини беше вториот фудбалер во Серија А по Ругани, кој беше позитивен на вирусот ковид-19.

Иако речиси два месеци беа во домашна изолација, се претпоставува дека заразените членови биле изложени на вирусот од надворешни фактори, односно не се заразиле меѓусебно. Наскоро ќе следуваат нови тестирања.

- Оглас -

Најнови вести