Женската ракометна репрезентација на Германија минимално со 28:27 ја победи Русија во пријателски меч. Русинките играа подобро во првото полувреме, кога имаа и водство од 16:13, кога во последната секунда беше досуден удар од девет метри за Германките.
Лена Дегенхарт беше ракометарката која ја зеде топката да го изведе ударот од девет метри, и тоа со шест противнички ракометарки пред неа кои блокираат, плус голманката на Русија. Иако делува невозможно да се постигне гол од таква ситуација, Дегенхарт со десната рака успеа да се фрли на страна и да ѝ даде спин на топката која доби неверојатна траекторија и заврши во стативата, а потоа и во голот.
Со тој гол Германките намалија на 14:16 на полувреме, а во вториот дел Панцерите беа подобри со 14:11 и на крајот стигнаа до минимална победа. Токму голот на Дегенхарт се покажа дека беше многу важен за оваа победа на Германките.