Криштоф Мецелдер е обвинет за детска порнографија и ја признал вината на суд во Дизелдорф, објави германски „Дер Шпигел“.
Поранешниот репрезентативец на Германија и светски вицешампион со Елфот од 2002 година имал околу 300 фотографии со детска порнографија на својот мобилен телефон, а им ги испратил на најмалку три жени преку социјалните мрежи.
Јавното обвинителство покрена истрага уште лани, кога беа одземени мобилниот телефон и компјутерот на Мецелдер, а во јуни годинава е покрената и тужба против поранешниот стопер на Борусија Дортмунд, Реал Мадрид и Шалке 04.
Мецелдер ја признал вината, како што објави „Дер Шпигел“, па во продолжение на судскиот процес што ја потресе Германија се очекува и казна за него.
Мецелдер одигра 47 меча за националниот тим и има светско сребро од Мундијалот во 2002 година и бронза од Светското првенство четири години подоцна. Беше и дел од германската репрезентација што стана вицешампион на Европа во 2008 година.